Во Топ 5 лигите во Европа само еден тим е максимален без нерешено или пораз

По поразот на Арсенал од Манчестер јунајтед, Реал Мадрид остана единствен тим во Топ 5 лигите во Европа кој има максимален број бодови сезонава. Сите други тимови имаат или нерешено или пораз во домашното првенство.

Актуелниот европски и шпански првак одигра четири меча во Ла Лига, од кои три на гостински терен, и ги доби сите, иако на сите примаше и гол. Бетис беше максимален со 9 бода по три кола, но тимот од Севилја во саботата загуби токму од Реал Мадрид. Во Шпанија одлични се и Барселона и Вилјареал со по три победи и едно реми во четири настапи.

Во Англија прв е Арсенал, но за Топчиите викендов заврши серијата од пет победи на пет меча, па се сопнаа на шестата пречка. Манчестер сити и Тотенхем се непоразени, но имаат по две ремија.

Во Франција, четири тима се без пораз, но имаат нерешени резултати. Во Италија, Аталанта е најуспешна со три победи и еден нерешен исход, ако победи вечерва, ќе избие на чело на табелата.

Во Германија, Фрајбург и Борусија Дормтунд имаат по четири победи во пет кола, но имаат и по еден пораз.

- Оглас -

Најнови вести