Воините конечно се израдуваа, а тројката за победа не ја шутираше Кари (видео)

Голден стејт вориорс конечно го оствари првиот триумф сезонава со минимални 129:128 на гостувањето кај Чикаго булс. Воините доста се измачија да избегнат трет пораз од стартот на сезоната, а херојот на екипата на Стив Кер беше Демион Ли.

На големо изненадување, Стеф Кари не шутираше за победата, туку одговорноста му ја препушти на Ли, кој изведе аут и комбинираше со Луни, па на пет секунди до крајот го погоди клучниот шут од дистанца доволен за победа.

Кари секако беше најефикасен со 36 поени и 6 асистенции како единствен играч од редовите на Вориорс со повеќе од 20 реализирани поени. Човекот од одлука, Демион Ли, заврши со 12 поени, сите остварени од линијата за три поени.

Лавин со 33 поени не можеше да го спаси Чикаго од трето разочарување во исто толку натпревари.

И Индијана пејсерс издвои минимална победа во последните секунди против Бостон со 108:107. На 11 секунди до крајот, Сабонис ја зеде топката и сам ги реши Келтите со положување и фаул, па дополнителното слободно фрлање што го промаши не беше фатално за домаќините.

По срамниот дебакл на ЛА клиперс од Далас, во „Стејплс центарот“ се случи уште една доминантна победа, но во овој случај Лејкерси ја оправдаа фаворитската улога. Езерџиите без Ентони Дејвис славеа со убедливи 127:91 против Минесота тимбервулвс, со тоа што шампионот дозволи само 50 поени во својот кош цели 30-тина минути од средбата.

Лејкерси имаа и највисоки +42, а интересно е што Кузма заврши како најефикасен со 20 поени од редовите на домашниот состав кои ги реализира уште во првото полувреме. Џејмс не се трошеше многу и во 26 минути реализира 18 поени.

Останати резултати НБА:

Шарлот 106:104 Бруклин, Њу Орлеанс 98:95 Сан Антонио, Вашингтон 113:120 Орландо, Кливленд 118:94 Филаделфија, Њујорк 130:110 Милвоки, Сакраменто 100:116 Феникс.

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести