Војдан Стојановски потпиша за тим кој игра во Лигата на шампиони

По неколкумесечна пауза поради немање клуб, капитенот на македонската кошаркарска репрезентација, Војдан Стојановски, потпиша за францускиот По Лак Ортез. Стојановски стави потпис на двемесечен договор, а дебито за новиот клуб ќе го има за само четири дена. По Лак Ортез ќе игра против Раста Вехта во Лигата на шампиони на ФИБА.

„Досега немав играно за клуб во Франција, а По Лак Ортез е еден од најпознатите во оваа земја. Точно е дека долго време бев без клуб, но работите си дојдоа на свое место. Чекањето се исплатеше. Договорот е на два месеци, но го прифатив затоа што е клуб од Франција кој настапува во Лигата на шампионите на ФИБА“, изјави Стојановски.

Сезонава на По Лак Ортез не му оди баш најдобро. Во француското првенство, новиот тим на Војдан има биланс од само четири победи и дури девет порази, па затоа се на 15-тото место на табелата во ПРО А лигата. Во мечевите од Лигата на шампиони на ФИБА, во осум средби, францускиот тим се радувал само два пати.

Тренерот на По Лак Ортез, Лорен Вила знае дека со потписот на Стојановски, добил квалитетен играч во својот тим.

„Стојановски е играч со големо искуство. Тој е тимски кошаркар, има квалитет. Очекуваме да имаме придонес од него во нападот, затоа што знае да даде и по 20 и повеќе поени, а секако и во одбраната игра добро“, вели стратегот Вила, кој утре ќе го води тимот на гостувањето кај Булазац во меч од домашното првенство, но нема да ја има помошта од Стојановски.

 

- Оглас -

Најнови вести