Заминувањето на Антоан Гриезман од Атлетико Мадрид нема да оди како подмачкано како што се мислеше пред некој месец, кога Французинот кажа дека си заминува и бара нов предизвик. Од клубот сега се лутат што наводно биле изиграни од Гриезман и од Барселона кои чекале клаузулата да падне од 200 на 120 милиони, па Атлетико да добие 80 милиони помалку од идниот клуб на Гризи.
Од Атлетико рекоа дека Гриезман со кого имаат договор до летото 2023 година, утре треба да се појави на првиот тренинг на тимот, и ако не го направи тоа, нема да преговараат со Барса. Од друга страна, дресот со бројот 7 кој во минатата сезона го носеше Гризман, сега му е доделен на младиот Португалец Жоао Феликс за кого потрошија 127 милиони евра, и тоа е доказ дека „јорганџиите“ не сметаат на Французинот.
Адвокатот на Гриезман испратил електронска пошта до клубот и ги информирал дека 28-годишниот фудбалер нема да тренира утревечер бидејќи е под емотивен стрес после простувањето со навивачите и соиграчите. Ако одбива да го продаде, Атлетико треба да му плати годишна плата на Французинот од над 20 милиони евра. Од Барса не сакаат проблеми со Атлетико и веројатно трансферот нема да биде реализиран толку брзо како што очекуваа каталонците, кои сакаа на 11 јули да го претстават на „Камп Ноу“.