20.8 C
Skopje
вторник, 8 јули 2025

Војводина го отпушти ракометарот кој присуствуваше на концертот на Томпсон во Загреб

Повеќе од 500.000 луѓе присуствуваа на концертот на Марко Перковиќ – Томпсон во Загреб, а еден од нив беше и Филип Ивиќ, доскорешниот голман на Еурофарм Пелистер, кој пред само две седмици направи трансфер во Војводина од Нови Сад.

Ракометарот сам се пофали на социјалните мрежи дека присуствувал на концертот, но тоа не им се допадна на Србите, пред се поради контроверзната музика на Томпсон, па се одлучија експресно да му врачат отказ, иако Ивиќ не одработи нитуеден тренинг со новата екипа, бидејќи подготовките воопшто не се започнати.

„По повод присуството на Филип Ивиќ на усташкиот собир на Марко Перковиќ – Томпсон. Ракометниот клуб Војводина, како симбол на Нови Сад, Војводина и на шампионска Србија, темелот на своето постоење не само на спортските успеси, туку и на почитувањето на историјата, жртвите и вредностите, кои нѐ прават горди како народ. Неочекувано ја примивме веста дека голманот Филип Ивиќ присуствувал на усташкиот собир на Марко Перковиќ – Томпсон, настап кој не претставува никаков музички собир, туку само усташки пир на кој отворено се величаат идеи и симболи кои за српскиот народ се синоним на злосторство. За нас како клуб кој го носи грбот на српскиот народ, тоа не е и не може да биде прифатливо. Во РК Војводина нема и нема да има место за оние кои присуствуваат на настани кои ги навредуваат спомените на илјадници невини жртви, на Јасеновац, на ‘Олуја’ и на српските огништа. Поради тоа, раководството на клубот веднаш го раскина договорот со Филип Ивиќ, бидејќи никој кој стои рамо до рамо со оние кои слават зло, не може истовремено да го носи дресот на клуб кој припаѓа на овој народ и овој град! Нашиот клуб не ги дели луѓето по нација или вера, но јасно и гласно го делиме доброто од слото, човечното од нечовечното, почитувањето од навредата. И тоа ќе го правиме додека постои РК Војводина. Ви благодариме на сите граѓани и навивачи кои ја разбирате нашата одлука. Нашиот одговор не е одмазда, туку достоинство!!! Нашата сила е љубовта кон Србија. За Нови Сад. За Војводина. За Србија. Да живее Србија!“ – се вели во соопштението од Ракометниот клуб Војводина.

- Оглас -

Најнови вести