Кошаркарите на Работнички го доживеаја и вториот пораз во Јадранската АБА-2 лига откако вечерва убедливо загубија од Војводина со 93-62. Македонскиот претставник беше инфериорен во текот на целиот натпревар во Нови Сад и заслужено загуби од еден од фаворитите за освојување на лигата.
Војводина уште од стартот на мечот покажа кој е фаворитот и брзо дојде до +7, а потоа и до +8 на првата мини пауза, 28-20. Во втората четвртина домашните брзо дојдоа и до двоцифрена разлика, но Работнички успеа да се врати и со -9 да замине на полувремето, 47-38.
Вистински дебакл за Работнички се случи во второто полувреме. Најпрво домашните ја добија третата четвртина со убедливи 26-12, а во ист стил продолжија и во последниот период, кој го добија со 20-12, за конечни 93-62.
Најефикасен во редовите на Работнички, но и воопшто на натпреварот беше Виктор Ефремовски со 17 поени, додека двоцифрен ефект кај нашиот претставник имаа и Стојан Ѓуроски со 15 и Андреј Шошкиќ со 10 поени.