Вокер остана единствениот „голман“ кој не прими гол од Аталанта во ЛШ

Аталанта ја завршува дебитантската авантура во Лигата на шампионите во четвртфиналната фаза, каде што вчера претрпе елиминација од ПСЖ во драматичниот дуел во Лисабон кој заврши со 2-1. Божицата беше на пет минути од историско полуфинале, меѓутоа Маркињос и Чупо-Мотинг само за две минути го свртеа резултатот и донесоа победа за Парижаните.

Тимот на Гасперини секако може да биде задоволен од достигнувањето за оваа сезона, во наредната ќе има прилика да го повтори успехот и да стигне подалеку во нокаут-фазата.

Аталанта од ЛШ се отпиша со 17 реализирани гола во девет меча во кои запиша по четири победи и порази и едно реми. Во тие девет средби Аталанта се соочи дури со осум голмани, а само еден може да се пофали дека не е совладан. Не му е природна позиција, но Кајл Вокер е единствениот без примен гол против Божицата.

Англискиот десен бек на Манчестер сити ја презеде одговорноста во ремито од 1-1 кое се одигра во Бергамо, во ситуација кога Браво заработи исклучување, а Чилеанецот влезе како замена за Едерсон во второто полувреме. Вокер успеа да ја сочува мрежата во завршницата од мечот, односно резултатот да остане 1-1.

- Оглас -

Најнови вести