Австралискиот борец со македонско потекло, Александар Волкановски, призна дека пред и за време на борбата со Ислам Махачев, кога набрзина беше нокаутиран од Русинот во мечот за титула во лесна категорија, бил ептен недисциплиниран и некои работи му се случувале за првпат во животот.
На 17 февруари, на „Александар Велики“ му претстои битка за задржување на шампионскиот појас во перолесна категорија против грузискиот Шпанец Илија Топурија и не ја повторува грешката која ја правел во пресрет на дуелот со Махачев.
„Не бев дисциплиниран пред битката со Махачев. Познат сум по дисцилината и професионалноста, а тогаш три или четири недели, секоја вечер пиев алкохол, не тренирав колку што требаше. Разочаран бев од самиот себеси. Тоа не бев јас. Никогаш веќе нема да ми се повтори такво нешто“, откри Волкановски.
Волкановски беше поразен од Махачев во октомври, а призна дека и тогаш првпат во кариерата добил потрес на мозокот.
„Добив благ потрес на мозокот. Никогаш претходно не сум имал потрес на мозокот. Играв фудбал и рагби, но никогаш претходно не добив потрес на мозокот. Тоа сериозно го збунува умот, веројатно забележавте на прес-конференцијата по борбата“, изјави Волкановски.