Арсенал се бори за место кое ќе го однесе во Лигата на шампиони, но тешко дека денеска ќе додаде бодови на своето конто. На гостувањето кај Вулверхемптон, „топчиите“ по првиот дел губат со убедливи 3-0. Домаќините немаат никакви шанси за излез во Европа, но имаат голем мотив да победат.
Цели 40 години „волците“ не се радувале на победа против Арсенал. Последен пат тоа се случило во септември 1979 година. Од тогаш, па досега овие два тима одиграле 20 меча, во кои лондончани победиле 16 пати, а четири средби завршиле нерешено.
Сепак, оваа серија на Арсенал се очекува вечерва да заврши, освен ако не се случи чудо во вториот дел. Рубен Невеш со прекрасен гол од слободен удар го најави водството на Вулвс, а до крајот на првиот дел погодија и Дорети и Јота.
Ова е за првпат во историјата на Вулверхемптон да имаат предност од три гола на полувреме во меч од Премиер лигата.