Управниот одбор на Фудбалската федерација на Македонија на денешната седница донесе неколку важни одлуки. Тука е назначувањето на Влатко Колев за нов селектор на македонската репрезентација за играчи до 17 години, како и прифаќањето на оставката на Васко Скендеровски, кој долго време беше предводник на футсал националниот тим.
Управниот одбор одлучи клубовите кои се откажаа од натпреварувањата во Првата лига, а тоа се Воска Спорт, Гостивар и Беса Добри Дол, да не добијат ниту едно евро од распределбата на дополнителни средства од солидарната шема на УЕФА.
Одлуките на УО ви ги пренесуваме во целост:
–УО на ФФМ донесе одлука за назначување на Влатко Колев за селектор на македонската репрезентација до 17 години (генерација 2009). Влатко Колев е носител на тренерска Про-лиценца со речиси две децении искуство во работата со младински категории во домашните клубови Вардар, Работнички и Металург. Двапати е прогласуван за тренер на годината во младински фудбал. Поранешен фудбалер од шампионските генерации на Вардар и Силекс, а настапуваше и за Македонија Ѓорче Петров. Во надежната репрезентација до 17 години доаѓа на местото на Драган Начевски, кој својата тренерска кариера ја продолжи во кипарскиот фудбал.
– УО на ФФМ ја прифати оставката на Васко Скендеровски од функцијата селектор на македонската футсал репрезентација. Фудбалската федерација на Македонија му се заблагодарува на долгогодишниот предводник на футсал селекцијата за неговиот придонес и посветеност во развојот на македонскиот футсал. Газмент Исеини е назначен за нов селектор на футсал А македонската репрезентација. Исеини е тренер на актуелниот првак и Куп освојувач, Форца 2015, тим кој учествуваше во главната квалификациска рунда во Лигата на шампионите. Во изминатите години беше дел од стручниот штаб во А футсал репрезентацијата.
– УО на ФФМ донесе одлука за распределба на дополнителни средства од солидарната шема на УЕФА за клубовите од Првата МФЛ за натпреварувачката сезона 2024/25. Средствата во висина од 101.000 евра ќе им бидат распределени подеднакво на девет клубови од Прва МФЛ.
ФК Воска Спорт, ФК Гостивар и ФК Беса, клубови кои го откажаа учеството во лигата, нема да бидат вклучени во распределбата на средствата од солидарната шема на УЕФА.