На сите верници од православна вероисповед им го честитаме големиот празник Велигден, а во домашна празнична атмосфера повремено се присетуваме дека зад нас е уште една недела во која речиси ништо значајно не се случуваше на спортски план.
Одвај чекаме да дојде денот кога љубителите на фудбалот нема да се радуваат што продолжило туркменистанското првенство, или нема да бидат „шокирани“ што таму некаде во Бурунди е прекинат шампионатот. Веројатно јуни ќе биде месецот кога фудбалската понуда ќе биде супер богата и билтените на обложувалниците ќе бидат како некогаш.
Според сите најави, и кога ќе продолжи да се игра фудбал, и тоа во повеќето, можеби и сите земји, ќе биде без присуство на публика. Ништо нема да биде исто. Меракот за освоен трофеј нема да биде толку голем ако не може радоста да се сподели со фановите, титулите ќе бидат малку и со горчлив вкус. Спортот се игра и за гледачите, но ситуацијата е таква што подобро е да има било каков, отколку никаков фудбал.
Подобро да се игра без публика, отколку воопшто да не се игра, и лигите да не финишираат. Дотогаш, ќе си чекаме и ќе се надеваме дека проблемот со коронавирусот ќе се намалува, и ќе се присетуваме како беше порано.
Во некои други екипни спортови, лигите нема да продолжат, но во фудбалот има премногу пари, и тешко е да се замисли дека во некоја од топ лигите ќе се прогласи првак без сезоната да биде доиграна, макар играле и до крајот на јули.
УЕФА неделава треба точно да одреди кога ќе се доигруваат европските купови, чекаме да се одредат датуми и за баражите од Лигата на нации, во кои игра и Македонија.
Православните верници го слават Велигден, и знаат дека 40 дена после овој празник доаѓа Спасовден. Годинава Свети Спас е на 29 мај, а според некои најави, два дена подоцна можно е да почнат некои од најсилните првенства во Европа. Така, наместо тогаш да се мисли на финалето во Лигата на шампионите, годинава веднаш после Спасовден ќе се надеваме дека ќе има фудбал во лигите кои се следени од најмногу фанови.
Чувајте го здравјето, седете дома и читајќи Спорт Манија бидете во тек со сите спортски информации кои најмногу ве интересираат.