Главниот град на Шпанија, Мадрид, вечерва и утре ќе биде домаќин на два од четирите натпревари од четвртфиналето на Лигата на шампионите. Вечерва играат Реал Мадрид и Манчестер сити на „Сантијаго Бернабеу“, додека утревечер на „Ванда Метрополитано“ екипата на Атлетико Мадрид ќе го пречека составот на Борусија Дортмунд.
Шпанските власи во пресрет на овие натпревари прогласија четврти степен на тревога од можни терористички напади поради информации кои се појавија на социјалните мрежи на профили водени од терористичката организација Исламска држава, односно ИСИС. Тие се закануваат со напади на натпреварите од Лигата на шампионите, напишани се имињата на стадионите со порака „убијте ги сите“.
Ова беше доволна причина за властите да преземат мерки и да распоредат дополнително обезбедување околу стадионите со цел да се спречат несакани инциденти. Во моментов нема информација за можно одложување на натпреварите.