Викендов започна и пролетниот дел од Првата женска фудбалска лига на Македонија. Две од трите водечки екипи кикснаа, а единствено победи бранителот на титулата, Љуботен.
Екипата од Тетово со убедливи 0-8 славеше на гостински терен против Топ гол во Битола. Репрезентативката Хава Мустафа погоди четирипати, руското засилување Екатерина Фролова постигна три гола, додека еден гол беше дело на Александра Марковска.
Изненадување претставуваат нерешените резултати на лидерот Тиверија и третопласираната Каменица Саса. Струмичанки одиграа само 1-1 на гостувањето во Скопје кај Истатов. Тиверија дојде во водство во 82-рата минута преку бразилката Гоја, а домашните се спасија од пораз во 89-тата минута со голот на Кристина Петрушевска.
Каменица Саса на домашен терен одигра само 0-0 против битолски Атлетико, додека на последниот меч од 15-тото коло, Речица го совлада Ас јунајтед со 4-1.
На табелата, Тиверија и понатаму е прва, со четири бода повеќе од Љуботен, но струмичанки се слободни наредното коло, па актуелниот шампион ќе има можност да се доближи на само бод од лидерот и да го направи екстра интересно продолжението од првенството.