Потпретседателката на Аргентина, Кристина Фернандес, преживеа обид за атентат и тоа пред својата куќа. Фернандес, која беше претседателка на Аргентина во периодот од 2007 до 2015 година, сега е во улога на потпретседателка.
Додека Кристина се поздравувала со своите приврзаници, од толпата се појавува рака во која има пиштол вперен директно во главата на потпретседателката. За среќа, пиштолот не испука куршум, а насобраните луѓе успеаја да го совладаат напаѓачот.
Полицијата подоцна потврди дека е уапсен 35-годишен Бразилец, а засега не се знае мотивот за овој обид за атентат.
„Кристина остана жива само поради тоа што пиштолот од некоја техничка причина не испукал куршум. Во пиштолот имало пет куршуми“, рече претседателот на Аргентина, Алберто Фернандес.
Поради овој немил настан, Фудбалската федерација на Аргентина реши да ги одложи дуелите Патронато – Унион Санта Фе, Ланус – Тигре и Росарио – Таљерес Кордоба, во рамките од 17-тото коло на тамошното првенство. Дуелите кои треба да се играат за викенд нема да бидат одложени.