Вработен во ПСЖ, кој сакаше да остане анонимен, даде интервју за „Франс фудбал“ во кои кажа дека како поранешните ѕвезди на парискиот тим, Лионел Меси и Нејмар биле разочарани од нивото на моќ кое во клубот го имал Килијан Мбапе, и затоа си заминале.
„Нејмар и Меси беа лути и многу незадоволни од одлуката на клубот да му ја додели главната улога на Килијан. Меси иако е затворен, барем се поздравуваше секој ден. Но, не и Нејмар. Изгледаше како да не почитува никого. Одбиваше контакт. Никогаш не беше пријатен или топол. Иако разбираше француски, не се трудеше да го зборува јазикот. Како да му беше доста од фудбал и пари. Беше мотивиран да игра за репрезентацијата, но не му се играше против Брест“, изјави анонимниот човек од ПСЖ.
Бразилецот бил и насилен кон некои соиграчи како Исмаел Гарби и Витиња, тврди изворот од ПСЖ.
Нејмар за светски рекорд од 222 милиони евра од Барса се пресели во ПСЖ, шест години беше член на Светците, а летоска си замина во саудиски Ал Хилал за 90 милиони.