Враќањето на Кралот и бубамарата што слета во погрешен ден

Викенд во кој има две-три дербија, било да се фудбалски, кошаркарски или пак во кој било друг спорт, е празник за спортските следбеници. А, вчера беше таков денот, скокаш од еден канал на друг за да проследиш сѐ по ред. Ниту 23-тото издание на „Златна бубамара на популарноста“ не можеше да излезе во преден план од толку многу значајни натпревари.

Тргнавме од Скопје, до Белград и завршивме во Мадрид, од паркет на трева, па во кревет на спиење, онака со задоволна неутрална страна. Па, да почнеме како што е редот, од нашиот главен град. Инаку, требаше да свртиме и до Торино, но се откажа турата да не нѐ фати опасната настинка.

Сакав да почнам со кошаркарското дерби, но не смее да се скокне средбата која се одигра на арената „Тодор Проески“ ден порано. Добро е што поради Коронавирусот не беше дозволено да присуствува публика во дербито меѓу Вардар и Работнички бидејќи присутните ќе беа разочарани во секоја смисла. Не дека немаше возбудувања, драмата редовно е присутна на македонските терени, но ќе беше поубаво да се видеше барем еден гол. Инаку, греота е да седиш на стадион 90 минути и да посведочиш на мирни мрежи. А, во овој случај беа 98 минути, но и тоа не беше доволно за да дојде до промена во резултатот. Мицевски имаше златна прилика во надополнувањето да погоди од пенал и да му донесе триумф на лидерот, но резервата Јанков ги дочека своите пет минути и како мачка се фрли по топката за да ги запечати оние 0-0 од стартот на градското дерби.

Одиме понатаму, се префрламе на трибините во „Јане“… Уствари, трибините и таму беа празни, а таман дочекавме дерби меѓу вечните какво што може да се посака. Аеродромци веќе им набија комплекс на центарци со петте последователни победи, а вчерашниот триумф беше тешко заработен и до таму мораше да се стигне со последната капка пот. Мирната рака на Дамјан го разочара најтрофејниот кошаркарски колектив, но Работнички може да се пофали дека за разлика од претходните средби, сега не дозволи дебакл… И тоа е нешто. Добивме нов кошаркарски доктор, Ѓорѓи Кочов дефинитивно има перфектен рецепт за ваквите мечеви, голема заслуга има стратегот поради кој МЗТ само двапати загуби од најголемиот ривал во период од една година, а се радуваше во седум наврати.

Пасошот во рака, или доволно е и лична карта, и правец Белград. Е, таму Коронавирусот не може да ги затвори портите од „Рајко Митиќ“, инаку Делиите ќе влезеа со тенкот кој е паркиран пред стадионот. Се играше 162-рото вечно дерби меѓу Црвена ѕвезда и Партизан, но, за жал, според она што се виде на теренот, како да не се одигра. Пламен на трибините, а ниту искра на тревата. По две и пол години вечните одиграа без голови, но порано барем знаеше по некоја акција да украде воздишка, а вчера коментаторот немаше за што да коментира околу натпреварот. Еден или два шута во рамките на голот во 90 минути? Малку, многу малку за меч кој важи за едно од најголемите дербија на Балканот и цела Европа. Важно таму имаше забава и галама на трибините а не штама…

ЧАРТЕР СО ЕДЕН КЛИК НА ДАЛЕЧИНСКИОТ

Летот за Торино се откажа, но најдовме чартер за Мадрид. За оние што со духот беа присутни на најголемото фудбалско дерби Ел Класико немаше потреба да нѐ проверуваат детално дали сме носители на смртоносната настинка. Имавме и топ-седишта за гледање, онаму каде што дождот не киснеше – пред телевизор на удобниот кауч, со кренати нозе и пиво во рака. Мораше во таа позиција да се проследи спектаклот бидејќи којзнае кога пак ќе може да се гледа Ел Класико, а да не биде на стрим, односно да бараш хакирани канали на интернет. Да да, така е, се спремаме за мрак и тишина, па мора максимално да се искористи провајдерот што праќа сметки поскапи од социјалната помош која ја нуди нашата си држава.

Со мала задршка, дербито не разочара, барем не целосно. Се чекаа последните 20 минути за да се види гол, односно два, а традиционално очекувавме Кралевите барем еднаш да ја извадат топката од својата мрежа. Но, тоа не се случи, Барса за првпат по 14 последователни гостувања на „Бернабеу“ не реализира гол, а што е уште поважно, со загубеното дерби остана и без лидерската позиција во шампионатот во овој клучен дел од сезоната.

Винисиус и Маријано се погрижија за шпанскиот фудбал да виси до последното коло за да се види кој ќе биде новиот фудбалски владетел на тие простори. Знаевме дека Кристијано Роналдо нема да игра во дербито, сосема логично, веќе не е во кралската заедница, туку се дружи со старите моми. Но, не знаевме дека и Меси нема да игра. Не дека капитенот на Барса одигра лошо, но за него вчерашниот настап е под стандардот. Обично Лео ужива да игра пред непријателската публика, но и тој не е семоќен за сам да му се спротивстави на кралот. Бледото издание може да ги чини Каталонците титула, а по дифол, вината ќе се префрли на тренерот. Сетјен ни крив ни должен може да дочека иста судбина како Валверде.

Не знам колку ќе се согласите со мене, но тој Феде ја смени динамиката на Реал, малиот како да има мотор во нозете. Ора по цел терен, напред – назад, напад – одбрана од прва до последна минута, или до 86-тата минута во овој случај. Зизу повторно беше мастермајнд, извади ас од ракавот и го неутрализираше непријателот – Дајте му 10 трупци и на младиот Феде Валверде и тој ќе дојде до посакуван резултат. Простете ми ако грешам, ја добив таков впечаток… Потребна им беше победа на Кралевите да си ја вратат самодовербата која ја загубија по поразот од Сити, а по она вчера што го прикажаа, сите навивачи на Реал веруваат дека битката со Граѓаните не е загубена и може да се помине во топ 8 фазата во ЛШ.

И така, проследивме четири од пет големи спортски дербија викендов, со исклучок на италијанското. Штета што „Златна бубамара“ одлучи да се емитува токму вчера, кога сите имаа уклучено „Спортклуб“ и „Аренаспорт“. Кога велам сите, мислам на спортските љубители и стучњаци, а кај нас тие преовладуваат.

ПРИ УБОД ОД СТРШЕН, НАНЕСЕТЕ ЛАДНА ОБЛОГА НА ОТОКОТ

Внимание, Ливерпул загуби меч од Премиер лигата! И тоа не од тим кој се бори за титула или е од топ 4, туку од екипа што се бори за опстанок, екипа која немаше победено во првите 10 кола од оваа сезона. Заврши неверојатната низа на Црвените од 44 натпревари во шампионатот без пораз, пропадна и планот да се освои титулата без разочарување, а ќе беше убаво да се види уште еден позлатен трофеј како се доделува на англиското тло. Но, барем до наредната година ќе си останат Топчиите како единствени со таков подвиг.

Велат, убодите од стршен се опасни и многу болат, особено ако си алегричен. А, се чини дека избраниците на Клоп во последно време како да се алергични од напади. Против Атлетико беа тотално отсечени, без шут во рамки, статистика која не доликува на европски првак и иден англиски шампион. Против Вест хем мачење, но најдоа начин како да постигнат три гола доволни за победа. Не верувам дека има човек што очекуваше дека токму овој викенд ќе дојде пресудниот ден за Ливерпул и ќе загуби во Премиер лигата, особено не од Ватфорд. Но, Стршните како да го собираа отровот во осилото токму за овој меч, па максимално го убризгаа со убодот.

Кој е тој Сар, од кај ли излезе мајку му? И ние до неодамна не знаевме многу за овој млад Сенегалец кој чекаше цели два месеци да постигне гол во 2020 година. Дошол од Рен на малата врата во обид да си изгради кариера на Островот, а по изданието против Ливерпул дефинитивно си го стави своето име на фудбалската мапа. Што убаво му се падна да му забие два на европскиот владетел, па и да асистира за тотален нокаут. Како и да е, нема простор за нервози и разочарувања. Јирген и неговите момци пак си се први, на врвот ќе си останат до самиот крај на сезоната. шампионската парада е на видик, но титула без пораз ќе даваше посебен шарм.

А, дотогаш нека стават ладна облога на убодот од стршенот за да нема оток. За малку и нам ќе ни требаше ладна облога, за среќа, го одложија штрајкот, инаку од вечерва ќе ни чадеа главите со евергрините (нека ми прости МТВ) од пред два века…

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести