Струга Трим Лум му го нанесе првиот пораз на Силекс сезонава, откако на теренот покрај Охридското езеро, домаќините се радуваа на триумф од 2:0, во меч од 5. коло на Прва лига. Мечот беше решен во последните 15-тина минути од мечот, а клучни беа играчите кои влегоа од клупата за резерви.
Нијаз Лена во игра влезе во 70 минута, а седум минути подоцна погоди за водство на Струга Трим Лум. Во 90 минута потврда на победата стави Филип Миленковски кој исто така во игра влезе во вториот дел.
Иако, поради пандемијата со Коронавирусот на трибините немаше навивачи, сепак покрај оградата на трибината имаше неколку десетици навивачи кои на крајот се радуваа на победа на нивниот миленик.
Поразот на Силекс го искористи Шкендија која сега е нов лидер по некомплетното петто коло. Тетовци лесно со 3:0 победија на гости кај Беласица и сега се лидер на табелата со 11 бодови, еден повеќе од Силекс.
Утре се играат четири меча од ова коло: Борец – Академија Пандев, Пелистер – Македонија ЃП, Ренова – Работнички и Вардар – Шкупи. сите мечеви започнуваат од 16 часот.