Ракометарите на Еурофарм Пелистер денеска од 18.45 часот во салата „Боро Чурлески“ во Битола го играат мечот од осмото коло во Лигата на шампионите против унгарскиот ПИК Сегед.
Битолчани доживеаја седум порази во седумте кола и се наоѓаат на последното место на табелата, додека ПИК Сегед е шести со седум освоени бода, но и со серија од два триумфи по ред.
Квотите не му се наклонети на македонскиот шампион, коефициентот за победа на ПИК Сегед изнесува 1.40, додека за триумф на Пелистер е 3.75.
Минатата недела унгарскиот тим славеше со 34:26 над македонскиот шампион, а тренерот Бранислав Ангеловски очекува неговите ракометари носени од навивачите да ги освојат првите бодови во ЛШ.
Дополнителен адут за Ангеловски и навивачите е што вечерва во зелено-белиот дрес ќе дебитира македонскиот репрезентативец Филип Кузмановски, кој минатата недела го раскина договорот со бундеслигашот Вецлар.
„Пред нас е противник со кого одигравме добро прво и катастрофално второ полувреме и тоа е нешто што не смее да ни се повтори во Битола. Добро го познаваме ПИК Сегед, ќе бидат засилени и со неколку ракометари кои не настапија во Унгарија, но ние ќе имаме што да покажеме. Најмногу ме разгрижува тоа што лесно се предадовме, иако имавме активен резултат до 50-тата минута. Пред нашите симпатизери и верните навивачи, од кои имаме огромна поддршка, верувам во подобро издание и подобар резултат од тој во првиот меч“, вели Ангеловски.