Вечерва од 22 часот се игра финалето на последниот годинеше гренслем турнир, Отвореното првенство на САД, меѓу Новак Ѓоковиќ и Данил Медведев.
Новак е рекордер по бројот на освоени гренслем трофеи и засега е на бројката од 23, додека Русинот има еден триумф и тоа токму на терените на „Флешинг Медиус“ кога пред две години во финалето славеше токму над Ѓоковиќ.
Ова воедно е десетто финале за Ѓоковиќ во Њујорк и игра за четвртата титула, а воедно ќе има можност да му избега на Рафаел Надал на вечната листа на тенисери со највеќе триумфи на четирите најголеми турнири и ќе го зацементира статусот на најдобар тенисер во историјата.
Освен што брка историја, Ѓоковиќ исто така во мислите ќе ја има и одмаздата поради поразот на неговиот последен настап во Њујорк, во 2021 година (минатата година не играше бидејќи како невакциниран против коронавирусот не доби американска виза).Но, Новак е свесен дека го очекува тежок предизвик во Медведев, иако медиумите и тениските фанови очекуваа ново неговото финале против Карлос Алкарас.
„Медведев е тенисер кој можеби е малку запоставен годинава поради моите мечеви со Алкарас. Но, Данил освои доста турнири годинава и играше на високо ниво, а згора на тоа победи и на мастерс кој се игра на земја. Такво нешто не очекуваше ниту тој самиот, но тоа е доказ дека напредува, а е специјалист за бетон. Добро ја познавам неговата игра и знам дека обожува да игра на оваа подлога, играше во финалето во 2019, во 2020 во полуфиналето, во 2021 година трумфира и очигледно е дека му одговара Њујорк. Едно од главните оружја на Медведев е силниот и прецизен сервис. Кога сервира сака своите гемови да ги игра брзо и да го форсира противникот, и поради тоа важно ми е да го наметнам својот ритам“, вели Ѓоковиќ.
Моментниот скор е 9-5 во корист на Ѓоковиќ, а годинава е 1-1. Медведев славеше на турнирот во Дубаи, додека Ѓоковиќ беше подобар во Аделаида.
„Предизвикот за мене е тој што играм против тенисер кој освоил 23 гренслем титули, а јас имам само една. Но, последниот пат кога игравме тука, беше во финалето и јас славев“, порача Медведев.