Вртоглава понуда за Гвардиола да остане на „Етихад“

Манчестер сити веќе две години доминира во Англија под водство на Пеп Гвардиола. Оваа сезона испишаа историја освојувајќи тројна домашна круна – Премиер лигатата, Лига купот на Англија и ФА купот, нешто што ниту еден тим претходно не успеал да го направи.

Нормално, раководството на Сити е презадоволно од работата на Шпанецот, со една замерка. Се чека титула во Лигата на шампионите, а Граѓаните и трета сезона во низа потфрлија под палката на реномираниот стратег. Сепак, колку имаат доверба во него, кажува следната понуда.

Имено, Сити подготвува нов договор за Гвардиола, кој треба да трае пет години и според кој би заработил неверојатни 100 милиони фунти, односно по 20 милиони фунти годишно. Навистина вртоглава понуда, но досегашните резултати ги оправдуваат средствата.

Актуелниот договор на Гвардиола важи до 2021 година и според него, тој заработува по 15 милиони фунти годишно. Иако имаше шпекулации дека би можело да се пресели во Торино и да го преземе Јувентус, Гвардиола демантираше велејќи дека е среќен во Манчестер.

„Колкупати треба да кажам дека нема да се селам во Италија. Среќен сум тука и не планирам да водам друг клуб. Имам уште две години од договорот и ќе седам тука сè додека ме трпат“, истакна Гвардиола пред неколку дена.

Овие 100 милиони фунти дефинитивно ќе го натераат да остане и подолго од планираното, а сè додека Пеп е предводник на Сити, тие ќе бидат фаворити за шампионската титула во Премиер лигата, како и останатите две куп-натпреварувања.

- Оглас -

Најнови вести