Втора лига: Брегалница ги искористи нерешените резултати на Охрид и на Шкендија Арачиново

Брегалница Штип се истакна како најголем добитник на ова коло во Втората македонска фудбалска лига, откако рутински ја заврши својата задача и максимално профитираше од киксовите на директните конкуренти во борбата за врвот.

На Градскиот стадион во Штип, Сините одиграа доминантен натпревар против Големо Коњари и стигнаа до убедлива победа од 6-1. Со овој триумф, тимот предводен од Влатко Костов не само што освои нови три бода, туку и сам се искачи на лидерската позиција. Михолов блесна со два гола, додека по еднаш погодија Капсаров, Калпачки, Мемеди и Бојаџиев.

Сепак, пресудна улога во ваквиот развој на табелата одиграа и киксовите на конкурентите. Шкендија Арачиново не успеа да го задржи водството на гостувањето кај ГФК Осогово во Кочани, па натпреварот заврши 1-1, откако домаќините се вратија во самиот финиш. Истиот исход беше забележан и во Македонска Каменица, каде Саса му одзеде бод на есенскиот шампион ГФК Охрид.

Од ситуацијата најдобро профитираше и ФК Скопје, со минимална победа 0-1 на гостувањето кај Новаци се израмни по бодови со останатите ривали во самиот врв.

По ова коло, Брегалница е лидер со 55 бодови, додека ГФК Охрид, Шкендија Арачиново и Скопје имаат по 53, што најавува жестока и неизвесна битка за пласман во елитата.

Во останатите натпревари, Кожуф убедливо ја потврди фаворитската улога против Слога Виница (5-2), Беласица во дербито на поранешни прволигаши ја декласира Победа во Прилеп со 5-0, Тетекс беше сигурен против Преспа со 2-0, додека Детонит Плачковица славеше на гостувањето кај Вардар Неготино со 3-0.

- Оглас -

Најнови вести