Осумнаесеттото коло во Втората македонска фудбалска лига донесе неочекуван расплет, трите водечки екипи не стигнаа до три бода. Две беа поразени, а една мораше да се задоволи со реми, со што трката за промоција дополнително се комплицира.
Охрид неочекувано капитулира во Кочани. Осогово одигра дисциплинирано и тактички зрело, славејќи со минимални 1-0. За домаќинот ова беа злато вредни бодови во битката за директен опстанок, додека охриѓани, и покрај поразот, ќе ја задржат лидерската позиција благодарение на киксот на конкурентите.
Во директна пресметка за врвот, Шкендија Арачиново го претрпе само вториот домашен пораз сезонава. Подобар беше Скопје, кој со победата од 1-2 се доближи само на еден бод до својот ривал. Пиратите од Автокоманда покажаа зрелост во клучните моменти и ја направија борбата за промоција уште понеизвесна.
Брегалница не успеа да го скрши отпорот на Тетекс. Натпреварот заврши без голови, резултат што најмногу им одговара на конкурентите во горниот дел од табелата.
Новаци продолжува со серијата и со третата победа по ред останува сериозен кандидат за бараж. На гостувањето кај Вардар Неготино славеше со 1-2, демонстрирајќи карактер и континуитет.
Најимпресивна партија прикажа Детонит Плачковица, кој со убедливи 0-4 ја совлада Слога Виница на гостински терен.
Во финишот, Кожуф избегна пораз против Саса, спасувајќи бод во самиот крај.
Кризата продолжува за Победа, која на домашен терен беше поразена од Преспа со убедливи 1-5 – резултат што дополнително ги продлабочува проблемите на прилепчани.

