17.8 C
Skopje
сабота, 27 септември 2025

Втора МФЛ: Брегалница славеше против Преспа, убедлив триумф на Охрид

Брегалница има одличен старт на сезоната и сè уште не знае за пораз по шест одиграни кола во Втората македонска фудбалска лига.

На градскиот стадион во Штип, новиот второлигаш Преспа беше совладан со 2-0.

Првиот гол дојде рано во натпреварот, кога Калпачки одлично ја искористи ситуацијата во противничкиот казнен простор за 1-0. Конечниот резултат го постави Масевски со гол во самиот финиш за 2-0. Со оваа победа, Брегалница го задржува лидерското место на табелата со 16 бода, додека Преспа е претпоследна со три бода.

Најубедлив настап во шестото коло имаше Охрид, кој му нанесе убедлив пораз на Вардар Неготино со 5-1, откако на полувреме веќе водеше со 3-0.

Значајна победа запиша и Шкендија Арачиново, која го совлада Слога Виница со 2-1. Домашниот тим прв поведе, гостите израмнија пред крајот на полувремето, а конечниот погодок за триумф на Шкендија беше постигнат во 80. минута.

Два натпревари завршија без победник: Новaци и Каменица Саса одиграа 0-0, додека Кожув и Скопје завршија 1-1.

Минимални победи, пак, забележаа Победа и Детонит. Прилепчани триумфираа против аутсајдерот Големо Коњари, додека Детонит славеше на гостувањето во Кочани со 0-1 против Осогово.

Шестото коло ќе биде заокружено утре со натпреварот меѓу Беласица и Тетекс.

- Оглас -

Најнови вести