Наоми Осака е новата шампионка на првиот овосезонски Гренд слем, Отвореното првенство на Австралија, откако во големото финале беше подобра од Петра Квитова со 2-1 (7-6, 5-7, 6-4) во сетови. Јапонската тенисерка вторпат во својата кариера учествува во едно финале од големите натпреварувања, па како победничка излезе од двете борби, бидејќи ова и втора Гренд слем титула по Ју Ес Опен која ја освои минатата сезона.
Финале како што се очекуваше, двете тенисерки тргнаа фуриозно и гем освојуваа само при свој сервис. Квитова имаше неколку шанси за брејк на средина од првиот сет, но тоа не се случи, а ниту Осака ги искористи двете сет-топки при резултат од 6-5, па мораше да се одлучува на тајбрејк, кој Јапонката лесно го освои со 7-2.
Квитова најави борба до самиот крај откако поведе со 2-0 во вториот сет и го запиша првиот брејк на мечот, но потоа Осака возврати со двојна мера, па со два украдени сервиси направи пресврт од 4-2. Се чинеше дека тука е крајот, но Квитова се врати во игра откако спаси три меч-топки на Осака, па со вториот брејк на мечот израмни на 5-5, а потоа со уште еден брејк успеа да изнуди да се игра одлучувачки трет сет.
Еден брејк на Осака при стартот на третиот сет ја направи разликата, Јапонката поведе со 3-1, а Квитова и покрај напорите не успеа да избегне пораз.
Утре во 09:30 часот е закажано финалето во машка конкуренција, а ќе сведочиме на нов тениски класик помеѓу Новак Ѓоковиќ и Рафаел Надал.