Новото коло во Премиер лигата започна со изненадување, откако шампионот Манчестер сити не успеа да победи на гостувањето кај Њукасл и одигра само 1-1.
Јошко Гвардиол во 35-тата минута донесе предност за Манчестер сити на „Ст. Џејмс парк“, но „граѓаните“ долго не успеваа да постигнат уште еден погодок и да си ја олеснат работата, па Ентони Гордон во 57-мата минута реализира пенал и ги постави конечните 1-1 на овој меч.
За Манчестер сити ова е второ реми по ред, откако во минатото коло одиграа 2-2 против Арсенал, па уште вечерва може да го загубат првото место на табелата. „Граѓаните“ сега имаат 14 бода, а Ливерпул и Астон вила имаат по 12, па со победа ќе бидат пред нив, додека Арсенал има 11 и со убедлива победа може да излезе пред Манчестер сити на табелата.