Синоќешниот пораз на Србија во дуелот со Унгарија (27:28) на Европското ракометно првенство го коментираше миленикот на Комитите и поранешниот тренер на Вардар, Веселин Вујовиќ.
Со поразот од Унгарија, српските ракометари си ги намалија шансите за пласман во главната рунда на ЕП бидејќи по две кола имаат само еден бод. Ниту евентуална победа над Црна Гора нема да биде доволна за освојување на второто место во групата доколку Исланд победи или одигра нерешено против Унгарија во последното коло.
„Таму каде што требаше одбраната да биде најсилна, таа беше најслаба. Банхиди даде десет гола, а во мое време тој не би го завршил натпреварот. Тогаш играчите одеа со нож во забите на натпревар, тоа беше војна, борба… Сегашните играчи навистина се добри, талентирани се, се борат за својата земја и се гледа желбата за победа. Но, изгледаат како дечиња кои одат во училиште, двајца по двајца. Не е доволно да се бакнува грбот и да се удира во гради. Мора тоа да се покаже и на теренот“, изјави Вујовиќ за српските медиуми.