Вујовиќ: Вардар не е на нивото на најсилните екипи во Европа

Вардар водеше со три разлика на полувреме против Кил, но на крајот во „Јане Сандански“ загуби со три гола. Ова е трет пораз по ред за Вардар во ракометната Лига на шампиони, што е знак дека нешто не чини во составот на тренерот Веселин Вујовиќ.

Тренерот на Вардар вели дека не може да објасни како неговите играчи едноставно застанаа во моментите кога имаа три гола предност во второто полувреме.

„Честитки за победата на Кил. Пред мечот знаевме дека на Кил им недостасуваат неколу играчи иимавме некоја надеж дека може да победиме. Во првото полувреме бевме тука некаде, а причина за нашето водство беше добрата игра во одбрана и одличниот Томовски. во нападот постојано се мачевме. Бековите беа надвор од игра, шутерски бевме слаби и затоа пробавме да играме 7 на 6, игра која секогаш носи нервоза и кај играчите и кај навивачите. Отидовме на три разлика во второто полувреме и застанавме. Не знам што се случи, но фактот дека во второто полувреме примивме 19 гола е причина за поразот. Има некои играчи кои треба да размислат дали ќе останат во клубот и во втората полусезона“, рече Вујовиќ, кој додаде дека ова не е Вардар од шампионските генерации.

„Ние во овој момент не сме на ниво на најсилните европски екипи. Дали Вардар ќе биде тоа што некогаш беше и дали ќе се вратат класа играчите коишто некогаш биле, ќе видиме. Ова е тоа што сега го имаме. Жал ми е само за публиката, која доаѓа со голема еуфорија. Ние мора да им вратиме со борбеност и победа“, заврши Вујовиќ.

Капитенот на Вардар, Стојанче Стоилов, потенцираше дека Кил е екипа во која има играчи кои заедно играат повеќе години, додека во Вардар има многу нови играчи и тоа е проблем плус за Црвено-црните, посебно кога играат со вакви силни противници.

„Сакам да му честитам за победата на Кил. Добро почнавме, имавме добро водство. Не се согласувам во целост со тренерот Вујовиќ дека игравме добра одбрана во првото полувреме затоа што им дозволивме многу лесни шутеви, а Мартин Томовски бранеше одлично. Моќта на Кил е не само што имаат многу силни играчи, туку затоа што тие играат долго време заедно, се познаваат одлично, за разлика од нас, кои сме со нов тренер и многу нови играчи. Имаме три порази по ред и мора да победиме за да ја вратиме самодовербата“, рече Стоилов.

- Оглас -

Најнови вести