Како што се доближува стартот на финалето во Лигата на шампионите, така се загрева атмосферата. Англиските навивачи започнаа да пристигнуваат во Мадрид, каде што ќе се одлучи новиот европски првак. Се претпоставува дека околу 70.000 англиски фанови на Ливерпул и Тотенхем ќе пристигнат во главниот град на Шпанија.
Додека некои веќе се пристигнати, други се на пат кон Мадрид. Од сите кои решија да тргнат од Англија кон Шпанија, најинтересна е приказната на еден познат авантурист. Симон Вилсон е познат „јутјубер“, кој поставува интересни видеоклипови од најразлични потфати. Вилсон е навивач на Ливерпул, а како член на сезонски билет бил дел од лотаријата за добивање билет за финалето во ЛШ.
Авантуристот имал среќа и добил билет за финалето, но тоа било старт на неговото ново патешествие. Вилсон побарал да резервира авиобилет за Мадрид, но се изненадил колку биле скапи цените. Авионските билети биле околу 800 евра, што било знак дека Вилсон треба да започне нова авантура.
Решил да го купи најефтиниот автомобил и да тргне директно од „Енфилд роуд“ за да стигне до стадионот „Ванда Метрополитано“ во Мадрид до утре во 21 часот, кога започнува финалето од Лигата на шампионите.
„Имав среќа бидејќи на лотарија добив билет за финалето во ЛШ. Бидејќи добитниците беа неодамна извлечени, немав кога претходно да купам авионски билети. Кога ги видов цените за пат кон Мадрид, летовите беа околу 800 евра . Тогаш решив да му се јавам на брат ми и му реков да ми го најде најефтиниот автомобил да го купам. Бен успеа да пронајде Шкода Фаворит GLHI, која се продавала само за 45 евра. Кога ми се јави, веднаш му реков да ја купи“, открива Вилсон.
https://twitter.com/MHChehade/status/1134108353133797376
Дури откако го купил автомобилот, Вилсон дознал дека тоа е само една од шесте Шкоди Фаворит GLHI кои се регистрирани за возење во Велика Британија. Тоа се автомобили кои се произведувале во периодот од 1987 до 1995 година. Авантуристот заедно со својот брат и еден познаник ќе тргнат на пат кон Мадрид. Останува да се види дали автомобилот кој не вреди ни 50 евра ќе успее да стигне до Мадрид.
Патувањето ќе преку тунелот под „Ла Манш“ до Франција, а потоа правец кон Шпанија. Тие треба да поминат над 2.000 километри, а се очекува патувањето да трае околу 20 часа.