Еден страстен колекционер на дресови во Турција откри дека по ниедна цена не би продал еден од многуте дресови кои ги поседува. Догукан Јегул вели дека има колекција од над 300 дресови, но еден му е посебен.
Се работи за дресот на Георге Хаџи, романската легенда кога играше за Галатасарај во „златното време“. Хаџи беше еден од носителите во Галатасарај во победата од 2:1 против Реал Мадрид во 2000 година, во финалето на Супер купот на Европа.
Дресот од Хаџи го добил од својот татко, кој пак го добил како подарок од некој пријател. Хаџи тој дрес го носел во победата против Реал Мадрид и многумина сакаат да го имаат.
„Добив многу понуди за дресот на Хаџи. Пред неколку месеци ми понудија Голф од 2016 година, плус 10.000 евра, но воопшто не размислувам да го продадам“, открива Догукан.
Хаџи играше за Галатасарај во периодот од 1996 до 2001 година и во турскиот гигант ја заврши кариерата. Претходно романската легенда играше за Барселона, Бреша, Реал Мадрид и Стеауа.