За Елмас платија 25 милиони евра, дома губеа од самиот старт, а тренерот му даде само неколку минути на Дијамантот

Елиф Елмас дебитираше за својот нов клуб, Лајпциг, но тоа нема да му биде во многу добро сеќавање на македонскиот репрезентативец. Германскиот бундеслигаш за Елмас плати 25 милиони евра за да го купи од Наполи и тоа засега е еден од најголемите трансфери во овој преоден рок во Европа.

Иако Елмас е докажан фудбалер кој има и титула во италијанската Серија А, тренерот на Лајпциг реши во првото коло од 2024 година во Бундеслигата да го остави македонскиот репрезентативец на клупата за резервни играчи.

Мечот на „Ред Бул арената“ не започна добро за Лајпциг и Ајнтрахт Франкфурт даде гол по само седум минути игра. Во продолжение на средбата, Лајпциг постојано напаѓаше, но домаќините делуваа немоќно и никако не успеваа да го пробијат „бункерот“ на гостите.

Тренерот на Лајпциг, Марко Ројс направи две измени во 68 минута, но Елмас не беше меѓу оние кои влегоа во игра. Дури во 88 минута Ројс „се сети“ дека на клупата го има Елмас и го внесе во игра во период кога нема многу време за градење на добри акции и се игра „на сила“ да се стигне до израмнување. И во една таква ситуација Елмас имаше одличен потег и направи акција од која имаше корнер за Лајпциг.

Едноставно Елмас сигурно не заслужи само неколку минути на дебито за Лајпциг. Македонскиот Дијамант од Наполи си замина поради малата минутажа, но ако се гледа по дебито, ситуацијата може да биде слична и во германскиот тим.

А, не треба да е така, затоа што Елмас покажал и докажал дека има квалитет за настап и борба со најдобрите. На стадионот на Лајпциг разочарни останаа и македонските фанови кои со знамиња беа присутни да го бодрат Елмас на дебито. Убаво изгледаа трибините каде светеше македонското сонце.

- Оглас -

Најнови вести