За возачите на Ф1 е потешко да возат мотор отколку мотоциклистите да седнат во болид

Возачот на Хонда, Хорхе Лоренцо, проговори за неговата желба уште еднаш да седне во болид од Формула 1 и да сврти неколку кругови. Шпанскиот мотоциклист во 2016 година за првпат се проба на најбрзите патеки, а болидот на Мерцедес го возеше на познатата патека „Силверстоун“.

И во минатото се случувало возач од шампионатот во Мото ГП да се проба во болид на Ф1, тоа веќе го сторија Марк Маркес, Валентино Роси, Дани Педроса, додека многу малку возачи од Формула 1 имале храброст да се качат на мотор од најбрзата категорија. Пред околу три недели, старо-новиот светски шампион, Луис Хамилтон, возеше Јамаха R1 на патеката „Херез“ во Андалузија, Шпанија.

„Сакам повторно да си го остварам сонот, барем уште еднаш да возам болид на Формула 1. Возењето мотоцикл ми е како пешачење, тркачки автомобил е сосема друг предизвик за мене. Пред две години, кога првпат добив можност да возам болид, бев импресиониран. На „Силверстоун“ ја почувствував максималната брзина, во свиок влегов со петта брзина, не како што правиме во Мото ГП, каде што обично ги поминуваме свиоците со трета брзина. Да се биде дел од Формула 1 е фантастично, но мислам дека за возачите од таа категорија е многу потешко да се качат на мотор и самоуверено да возат на патека отколку за нас. Ние мотоциклистите многу полесно можеме да се справиме со болид на формула“, вели Лоренцо.

Трикратниот светски шампион во Мото ГП последната сезона ја заврши многу под своите очекувања, како осмопласиран со 130 бода.

Новата сезона во Мото ГП започнува во март 2019 година, а првата трка ќе се одржи во Катар.

 

- Оглас -

Најнови вести