Карим Бензема не само што заздрави од повредата заработена непосредно пред стартот на Светското првенство во Катар, туку продолжи со голгетерскиот ритам во дресот на Реал Мадрид. Францускиот голгетер ги постигна двата гола во победата на гостувањето кај Валјадолид од 2:0, во меч од 15. коло на Примера дивисион.
Мечот беше решен во финишот, откако до 80-тата минута беше 0:0. Потоа, по прегледувње на ВАР системот, Реал Мадрид доби пенал кој во гол го реализираше Бензема. Во 89 минута, Бензема и по втор пат го совлада голманот на домаќините и донесе радост за фаворитот.
Со оваа победа Реал Мадрид стигна до 38 бодови и сега е лидер на табелата, со еден бод повеќе од Барселона, која во последниот ден од 2022 година игра градско дерби против Еспањол.