Репрезентацијата на Франција во неделата загуби од Аргентина во едно од најспектакуларните финалиња на Светските првенства, но уште сега експерите ги сметаат за едни од главните фаворити на идниот Мундијал што за четири години ќе се одржи во САД, Мексико и Канада.
Иако загубија по подобро изведување пенали, Французите ќе останат фудбалска велесила во наредниот период не само затоа што играа во две финалиња на СП едноподруго и го имаат Килијан Мбапе, туку имаат и неверојатно талентирана генерација.
Засега е познато дека само четворица фудбалери што настапија во Катар имаат намера да се простат од репрезентацијата, тоа се капитенот Уго Љорис, вториот голман Стив Манданда, Оливие Жиру како и Карим Бензема, кој веќе се прости од националниот тим.
Замената за Љорис ќе биде 27-годишниот голман на Милан, Мајк Мањан, кој не беше дел од националниот тим во Катар само поради повреда. Како втора опција се смета Алфонс Ареола, кој има 31 година.
Што се однесува до играчите и замените за Жиру и Бензема, селекторот Дидие Дешан, ако одлучи да остане на функцијата, ќе има голем избор. Во Катар блесна Рандал Коло Муани иако во 120-тата минута не успеа да погоди и да ѝ донесе нова титула на Франција, а и Маркус Тирам покажа дека може сериозно да се смета на него.
Младоста е адутот на Франција, Мбапе со 24 години уште сега е еден од најдобрите фудбалери на денешницата и е лидер на репрезентацијата, а тука се и Осман Дембеле (25 години), Кингсли Коман (26), Маркус Тирам (25), Рафаел Варан (29), Лукас Ернандез (26), Тео Ернандез (25), Ибрахима Конате (23), Адриен Рабио (27), Рандал Коло Муани (24), а згора на тоа, Триколорите имаат суперталентирана млада генерација.
Последниот збор сигурно го нема кажано 31-годишниот Антоан Гризман, кој беше еден од најдобрите играчи во Катар и се очекува да игра и за идното СП.