Ромелу Лукаку нема да игра против Реал Мадрид во веројатно и клучниот меч за Интер во фазата по групи во Лигата на шампионите.
Мала утеха за Нераѕурите и за Антонио Конте е што ќе може да смета на дефанзивецот Милан Шкрињар, кој „прележа“ ковид-19 и ќе биде во комбинација за дуелот во Мадрид, што ќе се игра утре од 21 часот.
Лукаку се пожали на повреда по мечот со Шахтар во Лигата на шампионите и не играше на дуелот со Парма во Серија А викендов.
Најдобриот стрелец на тимот со пет гола во Серија А не успеа да ја санира повредата на мускулот и ќе го пропушти и многу важниот дуел со Реал.
Двете екипи имаа скромен старт во Лигата на шампионите и немаат победа по два меча во Б групата. Интер двапати ремизираше, а Реал има пораз и реми, па дербито утре може да одлучи доста работи во битката со Шахтар и Борусија Менхенгладбах за првите две места што водат во нокаут-фазата во Лигата на шампионите.