За кого навиваа родителите на браќата Кари? Одлучија со фрлање паричка (Видео)

Дуелот на Голден стејт и Портланд влезе во историјата на НБА-лигата како прво конференциско финале во кое еден против друг играле двајца родени браќа, а родителите на Стеф и Сет Кари со фрлање на паричка одлучуваа кој каков дрес ќе носи во салата во Оукленд.

Дел Кари и сопругата Соња најпрвин со играта „Лист, камен, ножички“ одлучуваа кој прв да бира страна од паричката, а потоа откако нивната ќерка ја фрли металната паричка, беше одлучено мајката Соња да носи дрес на Блејзерс, а таткото Дел на Вориорс.

Истата процедура ќе се прави пред секој натпревар од оваа серија од финалето на Западот. Родителите на браќата Кари решија и кога Вориорс ќе биде домаќин, тие во сала да седат со сопругата на Стеф, Ајеша, а кога ќе се игра во Портланд, тие ќе седат со другата снаа, со вереницата на Сет, Коли Роџерс.

Голден стејт на Стеф поведе со 1-0. Дел и Соња досега гледале дури 21 од 24-те плејоф-меча на нивните синови, премногу често патуваат, па понекогаш кога стануваат од спиење во хотелска соба, им треба време да се сетат во кој град се наоѓаат.

„Кога ќе заврши плејофот, ќе спијам цела недела“, вели Дел Кари, кој 18 години играше во НБА и горд е на своите наследници.

 

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести