За колку ја „шитнаа“ љубовта кон клубот навивачите на Барселона со сезонски билети?

Тотално разочарување и институционален срам доживеаја сите во Барселона, од претседателот, преку тренерот до играчите и верните навивачи за она што се случуваше синоќа во нивниот дом, „Камп ноу“.

И резултатот беше шокантен за нив, Барса дома е елиминирана од Лигата на Европа од Ајнтрахт, но никој не зборува за резултатот на теренот, туку за случувањата на трибините на вчерашниот католички Велики четврток.

Околу 30.000 Германци се најдоа на „Камп ноу“, иако на Ајнтрахт му следувале само околу 5.000 билети. Тренерот Чави се пожали дека се чувствувале како да е некакво финале на неутрален терен, каде што на трибините има по половина фанови на двата клуба.

Јасно е дека најголем дел од фановите на Ајнтрахт влегле купувајќи влезници од сопствениците на сезонски билети. Наводно, се препродавале карти и за 500 евра. Околу 25.000 навивачи со сезонски билети решиле да заработат од Германците и нивното место на „Камп ноу“ да им го отстапат за овој меч.

И каталонските медиуми беа остри кон својот омилен тим, особено кон управата. „Ел Мундо депортиво“ на насловната страница имаше наслов „Капут на Камп ноу“.

Во Барселона велат дека германските навивачи наоѓале билети преку неофицијални туроператори, од препродавачи и на други разни начини, купувале од секаде, само не во Германија.

Оваа невидена инвазија ги покажа слабостите на клупското работење на Барселона, слабости кои изминатиот период беа покривани со добри резултати на фудбалскиот тим. Но, по ова синоќа, ништо нема да биде исто.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести