Легендата на Парма и на италијанската Серија А, Фаустино Асприлја, вели дека изданието на Италија на ЕВРО 2024 било „срамно“, а солзите на Кристијано Роналдо биле најдоброто нешто.
„Не можете да играте на тој начин. Проблемот е што Италија веќе нема добри играчи. Сите тие изгледаат како роботи. Се движат како што сака тренерот. Ја изгубија радоста на дриблингот, а се чини дека веќе немаат креативност. Ми беше жал што го видов мојот пријател Буфон со тажно лице. Доколку играчите на Италија имаа грам од страста на Џиџи, сигурен сум дека тие сè уште ќе беа на ЕП“, рече Колумбиецот, кој со Буфон играше заедно во најубавите години на Парма и заедно освоија еден Куп на Италија и еден Куп на УЕФА (денешна Лига на Европа).
Асприлја го издвои Џуд Белингем како играч кој ужива да го гледа.
„Неговиот гол со ножички беше прекрасен. Очекував одлични потези и од Килијан Мбапе, но тој го повреди носот и може да се каже дека се плаши. Шпанија е забавна. Крилните играчи се многу силни. Нико и Јамал играат фудбал кој ме возбудува“, вели популарниот Тино.
Поранешниот репрезентативец на Колумбија го пофали Кристијано Роналдо за неговата искрена реакција по промашувањето на пенал против Словенија, велејќи дека тоа е најдоброто нешто што го видел на ЕП досега.
„Тој е суперѕвезда, има скоро 40 години, има пари, слава и успех. Сепак, промашениот пенал сè уште го тера да плаче како бебе. Неверојатен е“, изјави Асприлја.