Фудбалската Федерација на Македонија ги одреди цените на влезниците за последниот квалификациски меч против Израел и тие ќе чинат по 150 денари.
Македонија ќе го игра финалниот меч од евроквалификацискиот циклус во групата Г на 19 ноември во Скопје, а за место на една од трибините ќе треба да се плати симболична цена од 2,5 евра.
Шансите за пласман на нашата репрезентација на ЕП 2020 година се минимални бидејќи Полска е веќе недостижна за нас, а на Австрија ѝ треба еден бод од дуелот што ќе го игра токму против Македонија во сабота во Виена и со Летонија три дена подоцна во Рига.
Сепак, и мечот со Израел е многу значаен за нас во битката за третата позиција. На две кола пред крајот на квалификациите, Македонија, Израел и Словенија имаат по 11 бодови и еднакви шанси за третата позиција.