Дека фудбалот повеќе нема никаква смисла поради финансиите кои се вложуваат во овој спорт, е веќе стара и позната тема. Но, луди клаузули во договорите на играчите изненадуваат секој ден.
Таков е случајот и со Нејмар, кому во неговиот договор му стои клаузула за однесување со навивачите. Имено, Бразилецот ќе биде награден со 375.000 евра доколку по завршувањето на секој меч тој оди да ги поздрави навивачите на ПСЖ, притоа да направи по некое селфи, да го подари дресот на некое дете. Значи, почитувањето на етичкиот код сега се наплаќа во фудбалот, и тоа со „дебели“ суми.
Подразбирливо е дека мора и добро да се однесува со медиумите, но, исто така, не смее да се обложува на натпревари, односно првенства во кои учествува и неговиот клуб.
Сепак, Нејмар не е единствениот кој наплаќа за да биде „добро дете“. Слична е ситуацијата и со капитенот Тијаго Силва, но тој добива „само“ 33.000 евра за добро однесување со навивачите и медиумите.