Македонија нема да биде сама: Патуваше речиси 4.000 километри за да ја бодри нашата селекција на Фарски Острови

Едно од најдалечните гостувања на Македонија во европските квалификации е денешното против Фарски Острови во Торсхавн. Оваа островска земја на северот од Европа, прв пат ќе биде домаќин на Македонија во фудбалска пресметка.

Далеку се Фарските Острови, но за вистинските спортски фанатици тоа не е препрека да пристигнат таму и во живо да ги бодрат македонските фудбалери. И денеска, Македонија ќе има мала, но вредна поддршка од трибините.

СЕКОГАШ И СЕКАДЕ ЗА МАКЕДОНИЈА

Синиша Павлески е Македонецот кој специјално за денешниот меч допатува до Фарски Острови. Не е случаен овој подвиг на Павлески, човекот кој од почетокот на формирањето на македонската репрезентација, ја дава својата поддршка од трибините.

„Уште од почетокот сум со македонската репрезентација и во живо ги следам натпреварите секогаш кога можам. Речиси и да немам пропуштено натпревар на кој Македонија е домаќин, а често сум на трибините и кога играме на гости. Во минатото беше потешко да се патува на гости поради визите кои ги имавме, но сега е полесно“, вели Павлески.

ФАРСКИ ОСТРОВИ ЛИЧАТ НА ГАЛИЧНИК, САМО ШТО ТУКА ИМА И МОРЕ

Македонија освен против Фарски Острови, ќе гостува и на Летонија и Ерменија.

„Уште кога беа извлечени ривалите на Македонија во Лигата на нации, започнав со плановите како да се организирам да пристигнам на Фарски Острови. Има проблеми со авионските конекции, но преку Копенхаген пристигнав до посакуваната дестинација. Ова секако е едно од најчудните места на кои сум гостувал. Ми личи како да сум на Галичник, затоа што има многу зеленило и овци многу, но за разлика од Галичник, тука има и море“, низ шега вели верниот навивач на македонската репрезентација.

Според статистиката која ја води, Павлески вели дека во живо следел преку 130 натпревари на Македонија. Освен страста кон фудбалот и спортот воопшто, тој е и филателист. Собира билети од фудбалски натпревари на кои играла Македонија или некои наши клубови. Во последно време, Павлески со себе на патувањата го води и својот 16-годишен син Никола.

„За Македонија би одел секогаш и секаде. Ми се исполни желбата да ја гледам нашата репрезентација на ЕП, па сега посакувам да играме и на Светско првенство. Ништо не е невозможно. Кога можевме да ги победиме Германија и Италија на гости, зошто да не веруваме дека може да играме и на Мундијалот“, оптимистички е расположен Синиша кој е роден во Кичево и неговиот прв омилен клуб за кој почнал да навива му е Напредок.

СОПРУГАТА МУ СЕ НАЛУТИ: НАМЕСТО КАКО СИТЕ МАКЕДОНЦИ ДА ОДИМЕ ВО ГРЦИЈА ЗА ПРАЗНИКОТ, ТИ СИ НА ФАРСКИ ОСТРОВИ

Павлески вели дека ја има поддршката од семејството, но некогаш се случува сепак да му се налути сопругата Биљана, која често знае да патува со него. Овојпат таа повеќе сакала за продолжениот викенд да се оди некаде на одмор, но настапот на Македонија во Фарски Острови направија да има промена во плановите.

„Голем дел од моите пријатели за празникот и продолжениот викенд заминаа во Грција на одмор. Мојата сопруга ми се лутеше кога реков дека ќе патувам за Фарски Острови. Едноставно ме праша „зошто не одиме како сите Македонци, викендот да го поминеме во Грција“. Сепак фудбалска Македонија е во Фарски Острови и затоа сум јас тука сега“, објаснува Павлески.

ГО „ШПИУНИРАЛ“ ТРЕНИНГОТ НА ФАРСКИ ОСТРОВИ И ЗАБЕЛЕЖАЛ ДЕКА ЌЕ НАПАЃААТ ПО СТРАНИЧКИТЕ ПОЗИЦИИ

Интересно е дека тој вчера бил и на тренингот на Фарски Острови.

„Го следев тренингот на домашната селекција. Забележав дека постојано вежбаа напади од страничните позиции. Мислам дека треба да обрнеме внимание на тие позиции за денешниот меч. Верувам во квалитетот на Македонија и очекувам победа“, оптимистички коментира верниот навивач.

Павлески има добиено четири дреса од македонски репрезентативци и тоа од Миовски, Барди, Столе и Елези. Сака да направи колекција од 11 оригинални дресови. Минатата година бил да го гледа Новак Ѓоковиќ во живо на турнирот во Бања Лука, а сега единствена неостварена желба е да го види Лионел Меси како игра во живо. Најубавото сценарио за такво нешто е Македонија да обезбеди место на СП 2026 година и во група да биде против Аргентина во која капитенската лента уште ќе ја носи токму Меси.

Соништа има многу, но во спортот многу соништа стануваат реалност, па затоа и Синиша Павлески  верува во Македонија и верува дека настапот на Мундијалот во скоро време може да стане и јаве.

- Оглас -

Најнови вести