-4.2 C
Skopje
понеделник, 29 декември 2025

За Милан ова е најлошиот месец во клупската историја

Милан се посрамоти пред своите навивачи и загуби убедливо со 5:2 од Сасуоло, тим кој е во долниот дел од табелата во Серија А. Поразот од Сасуоло е само продолжување на очајната низа резултати на Росонерите во Новата година.

Во првиот меч од 2023 година, Милан со 2:1 ја победи Салернитана, но потоа започнаа разочарувањата. Во првенството ремизира 2:2 против Рома, а потоа на „Сан Сиро“ беше елиминиран од Торино во Купот со 0:1. Следуваше реми од 2:2 против Лече, а потоа и пораз во мечот за титула во Суперкупот откако со убедливи 3:0 загуби од градскиот ривал Интер.

По поразот од 3:0 од Интер, следуваше уште поголем удар, овојпат во првенството, кога на „Олимпико“ загуби со 4:0 од Лацио. Како врв за очајната одбрана на Милан беше вчерашниот дебакл и петте примени гола од Сасуоло.

Ако се погледне одбраната на Милан во јануари, тоа е најлошиот месец во историјата на клубот. Голманите на Росонерите во овие седум средби одиграни во првиот месец од 2023 година примија дури 18 гола (2,5 примени гола во просек на дуел).

Претходно, како неславен рекорд со најмногу примени голови во еден месец беше мај 1958 година, кога имале примено 16 погодоци, додека во март 1974 година Милан примил 15 гола.

- Оглас -

Најнови вести