Теренот на кој екипите на Гримсби таун и Вулверхемптон играа меч од англискиот ФА куп стана главна тема во британските, но и во светските медиуми.
Волците со единствениот шут кон голот победија со 1-0, а тоа беше натпревар од „старата школа“ и личеше на враќање во минатото поради теренот кој беше покриен со кал, нешто што ретко се гледа во овие модерни времиња, барем на дуели од највисок ранг. Актуелните фудбалери на премиерлигашот тешко дека имале прилика да играат официјален меч на потежок терен од овој вчера.

Теренот на „Бландел парк“ беше како мочуриште уште пред почетокот на натпреварот, а ситуацијата се влоши поради постојаните врнежи од дожд.
Топката патуваше непредвидливо по влажната површина. Играчите се лизгаа подолго од очекуваното, линиите на теренот не се гледаа добро, а имаше и ветер и барички со вода на теренот.

Сега Вулфс мора да се прилагодат на еден сосема поинаков предизвик в среда, кога ќе ја заменат калта на „Бландел парк“ со домашниот терен, на кој ќе го пречекаат лидерот во Премиер лигата, Арсенал.

