Рахим Стерлинг наредните пет години ќе ги брани боите на Челзи по комплетираниот трансфер од Манчестер сити. За него Сините се трет англиски клуб во кој ја задолжи опремата, па заедно со Даниел Стариџ и Николас Анелка влезе во посебна категорија.
Тројцата се единствени фудбалери кои играле, односно Стерлинг допрва ќе игра, за Челзи, Ливерпул и Манчестер сити.
Стерлинг сениорската кариера ја започна токму на „Енфилд“. За Црвените одигра 129 меча со учинок од 23 гола и 25 асистенции.
Неговиот трансфер во Сити вредеше 63 милиони евра во летото 2015 година, по што Стерлинг доби статус на клупска легенда со освоени 11 трофеи, од кои четири се титули во Премиер лигата, како и повеќе од 330 натпревари во светло-синиот дрес.
За неговата следна авантура, Челзи издвои 56 милиони евра и со своето искуство Стерлинг треба да биде еден од лидерите на составот на Томас Тухел.
Анелка како надежен фудбалер на ПСЖ, во јануари 2002 година замина на позајмица во Ливерпул. Постигна само пет гола во 22 настапи и не успеа да ги убеди Црвените да го откупат неговиот договор.
Сепак, само шест месеци подоцна реагираше Манчестер сити и го ангажира за 15 милиони евра. За Граѓаните настапуваше две и пол години и забележа статистика од 46 гола во 103 натпревари. Најдобрите партии ги пружи во Челзи од 2008 до 2012 година, со кои стана шампион во Англија и Европа. Во 184 меча Анелка реализира 59 гола за Сините и намести 38.
Инаку Анелка има настапувано и за Арсенал како прв од шесте англиски клуба во неговата кариера.
Даниел Стариџ како талент на Граѓаните, во 2009 година светло-синиот дрес го смени со потемната нијанса, меѓутоа не доби прилика да го истакне својот потенцијал.
За четири години во Лондон, Стариџ одигра само 96 меча со учинок од 24 гола, па во зимата 2013 година одлучи да се пресели на „Енфилд“. Во Ливерпул изгради одлично дуо со Луис Суарес и во 160 меча забележа 68 гола и 26 асистенции.