Победата на Македонија против Италија ја слави цел фудбалски свет како триумф на Давид против Голијат, како доказ дека во фудбалот и спортот, па и животот сè е можно и чуда се случуваат.
Една од најмоќните фотографии на социјалните мрежи ја објави мајсторот за физичка подготовка во стручниот штаб на Македонија, Владимир Вуксановиќ.
Човекот што е задолжен за македонските фудбалски јунаци секогаш да бидат фит и орни за фудбалски битки на интерсен начин со една фотографија го прикажа чудото што Македонија го приреди на „Ренцо Барбера“ во Палермо со победа од 1:0 против Италија.
Доменико Берарди е на колена, а пред него слават македонските јунаци, Столе Димитриевски и Џани Алиоски.
Асоцијацијата е одлична и се однесува на шансата што ја имаше Берарди во првото полувреме, кога голманот Димитриевски најпрво згреши и му ја додаде топката, но потоа како мачка го одбрани својот гол и спречи предност на Аѕурите.
Уште еден од многуте јунаци во македонската репрезнтација, Александар Трајковски, со фантастичен проектил во 92-рата минута го потопи актуелниот европски првак и четикратен светски шампион Италија.
Македонија стигна на еден чекор до пласман на Мундијалот во Катар, а последна пречка е поранешниот европски првак Португалија, на меч што ќе се игра на 29 март на „Драгао“ во Порто.
Победникот од тој дуел ќе игра на Светското првенство што ќе го организира Катар во ноември и декември оваа година.