За првпат по две децении, Роналдо не е во конкуренција за Златната топка

Магазинот „Франс фудбал“ ја објави листата на фудбалери кои се најдоа во потесниот избор за наградата за најдобар фудбалер во сезоната 2022/23 и на неа за првпат по 2003 година не се наоѓа името на Кристијано Роналдо.

Најсериозни кандидати за наградата се Лионел Меси и Ерлинг Халанд. Меси во декември минатата година го оствари сонот – со репрезентацијата на Аргентина триумфира на Светското првенство кое се одржа во Катар и на кое беше прогласен за најдобар играч на Мундијалот. Играјќи за ПСЖ ја освои титулата во Лига 1, а сега игра во Интер Мајами, со кого го освои Лига купот.

Халанд минатата година потпиша за Манчестер сити и во првата сезона со Граѓаните ја освои тројната круна, Лигата на шампионите, Премиер лигата и ФА купот. Халанд на 53 натпревари постигна 52 гола во сите натпреварувања, но не настапи на Светското првенство бидејќи Норвешка не обезбеди пласман.Рекордер по бројот на освоени Златни топки е Лионел Меси со седум, додека Кристијано Роналдо има пет.

Свечената церемонија на прогласување на најдобрите ќе се одржи на 30 октомври во Париз.

Останати кандидати за Златната топка се: Карим Бензема, Родри, Лаутаро Мартинес, Антоан Гриезман, Роберт Левандовски, Хулијан Алварес, Јасин Боно, Винисиус жуниор, Килијан Мбапе, Мохамед Салах, Јошко Гвардиол, Лука Модриќ, Џамал Мусијала, Андре Онана, Букајо Сака, Џуд Белингам, Кевин де Бројне, Бернардо Силва, Рандал Коло Муани, Хвича Кварацхелија, Николо Барела, Емилијано Мартинес, Рубен Дијаш, Мартин Едегар, Илкај Гундоган, Виктор Осимен, Хари Кејн и Ким Мин-Јае.

Кандидати за најдобар голман и наградата Лав Јасин во сезоната 2022/23 се:

Марк-Андре тер Штеген, Доминик Ливаковиќ, Емилијано Мартинес, Тибо Куртоа, Арон Рамсдејл, Мајк Мањан, Јасин Боно, Андре Онана, Брис Самба, Едерсон.

Кандидати за наградата најдобар млад играч во сезоната се:

Џуд Белингам, Алехандро Балде, Едуардо Камавинга, Гави, Расмус Хојлунд, Џамал ​​Мусијала, Педри, Чави Симонс, Антонио Силва, Ели Вахи.

- Оглас -

Најнови вести