15.8 C
Skopje
понеделник, 29 септември 2025

За првпат во историјата на фудбалот е употребен зелен картон

Светското првенство до 20 години, кое овој викенд започна во Чиле, донесе едно ново големо правило кое ФИФА за првпат го воведе на официјално натпреварување. На натпреварот меѓу Мароко и Шпанија за првпат беше применета употребата на зелениот картон – новина која им дава право на тренерите да ја оспорат одлуката на судијата и да побараат преглед на ВАР-снимка.

Селекторот на Мароко, Мохамед Уахби, го искористи тоа право во 78-мата минута, откако судијата досуди пенал за Шпанија поради наводен прекршок на марокански дефанзивец. Уахби веднаш покажа зелен картон, што го обврза главниот судија да ја прегледа снимката. По подолга проверка, одлуката беше променета – пеналот поништен, а шпанскиот фудбалер доби жолт картон за симулирање.


Натпреварот заврши со победа на Мароко од 2-0.

Зелениот картон функционира слично како „челенџ“ во американските спортови. ФИФА утврди јасни ограничувања за неговата употреба. Селекторите и капитените можат еднаш во секое полувреме да побараат од главниот судија да ја провери спорната ситуација преку ВАР, и тоа само во клучни случаи: можен пенал, црвен картон, регуларност на постигнат гол или погрешна идентификација на играч.

Новото правило моментално е во тест-фаза и се користи исклучиво на Светското првенство до 20 години во Чиле. ФИФА го воведе за да провери колку ќе ја забавува играта, дали ќе придонесе за поправедни одлуки и какви реакции ќе предизвика кај тренерите, судиите и публиката. Дури по завршувањето на турнирот и деталната анализа, ФИФА ќе одлучи дали зелениот картон ќе се прошири и на останатите натпреварувања.

- Оглас -

Најнови вести