Со натпреварот помеѓу Работнички и Арсими, кој се игра на Националната арена во Скопје од 14 часот, завршуваат 22-те кола од првата лигашка фаза во Првата македонска фудбалска лига и секој со секого ќе има одиграно по два меча.
Работнички е препоследен на табелата само со 13 бода и мора да победи за да фати приклучок кон екипите кои се во делот на табелата кој носи бараж за опстанок. Тие екипи му бегаат 10 бода и целта на Работнички е да се приближи на минус седум пред стартот на последната фаза од првенството во која ќе се играат 11 кола.
Арсими е осми (место кое води во бараж за опстанок), а ако победи, би се качил на седмото место, пред Брера Струмица. Тимот од Чегране има четири гостински победи сезонава, а квотата за нивна победа денеска е огромна, над 4.00.

