Најдобрата македонска ракометарка Сара Ристовска ќе ја нема во составот на Македонија за последниот меч од квалификациите за пласман на ЕП 2024. Нашата репрезентација веќе обезбеди место на завршницата на континенталниот собир, кој ќе биде кон крајот на годината, откако сигурно ќе го освои второто место во групата во која убедлив лидер е Шпанија, а зад Македонија ќе останат Литванија и Азербејџан.
В недела во „Борис Трајковски“ ќе ни гостува Литванија. Некои можеби сметаат дека тоа ќе биде дуел кој нема да има поголемо резултатско значење, но секако дека ќе биде меч на кој Македонија ќе треба да победи за да го гради својот рејтинг во селекција на која во иднина треба да се смета сериозно и да го задржи континуитетот за настап на големите натпреварувања.
Токму тој дуел против Литванија ќе го играме без Ристовска, која по победата во Баку против Азербејџан, директно се врати во Москва за да им се посвети на клупските обврски. Според ЕХФ, ова е недела во која во фокусот се репрезентативните дуели, но во Русија викендов се игра завршницата на женскиот куп, па Ристовска одлучи дека е поважно да биде посветена на клупските обврски и борбата за трофеј во Купот отколку да биде со македонската репрезентација на дуелот против Литванија.
Без разлика колку и да делува небитен дуелот против Литванија, култот кон репрезентацијата не се гради со напуштање на репрезентативните обврски, посебно во периодот кога треба да покажеме дека и женскиот ракомет полека се враќа меѓу европската елита.
Не треба да се заборави дека Македонија има само три победи во последните 23 меча што ги одигра во последните три години и дека репрезентацијата едноставно мора да биде приоритет пред кој било клупски настап и токму затоа мечот против Литванија и тоа како треба да ни биде важен.
Од Ракометната федерација на Македонија направија убав гест со тоа што одлучија да биде слободен влезот за дуелот в недела, но сепак несериозно делува фактот дека на натпреварот на кој навивачите треба да дојдат да го слават успехот и пласманот на ЕП2024 ќе ја нема најдобрата наша ракометарка само затоа што клупскиот ракомет е ставен пред репрезентативните обврски.
На 18 април во Виена ќе биде и ждрепката на групите за Европското првенство за жени, кога и Македонија ќе ги дознае своите противници.