Кристијано Роналдо покажа дека воопшто не е повреден како што тоа го тврди тренерот на Јувентус, Маурисио Сари. Португалецот блесна во репрезентативниот дрес и даде три гола во убедливата победа против Литванија. На Роналдо и другарите сега им остана само уште една препрека за да се пласираат на завршницата на ЕП 2020. Мора на гости да го победат Луксембург, мисија која и тоа како е остварлива.
Се очекува Роналдо и утре да биде лидер на теренот за Португалија, а по завршување на дуелот, актуелниот европски првак и официјално да го брани тронот следната година. По завршување на обврските со националниот тим, за Роналдо следи нов предизвик. Ќе се врати во Торино, во обид да се средат проблемите со тренерот Сари.
Челниците на Јувентус веќе закажале разговори со Роналдо, во обид да се реши несогласувањето. На последните два меча за Старата дама, Роналдо беше заменет во второто полувреме, а тој револтирано не се ни поздрави со соиграчите. Португалецот ќе треба да објасни пред спортскиот директор Фабио Паратичи и заменик претседателот Павел Недвед зошто си заминал од стадионот пред да заврши мечот, но и да се најде решение, за да може Роналдо да блеска и во дресот на Јувентус.