Јувентус имаше мала помош од Верона која го задржа Наполи на 1-1, за да се пласира во Лигата на шампионите. Бјанконерите од четвртото место се наметнаа во европскиот крем, позиција на која не ни размислуваше Старата дама во изминатите осум сезони.
За Кристијано Роналдо, ова е првпат во неговата кариера со една екипа да заврши на четврто место во првенството. Никогаш претходно како член на Спортинг, Манчестер јунајтед и Реал Мадрид Роналдо не бил четврти, но затоа постои изреката „за сè има првпат“.
На иднивидуално ниво може да се каже дека Кристијано имаше успешна сезона бидејќи ја освои Златната копачка во Италија со 29 погодоци, па сега е единствен фудбалер во историјата кој бил најдобар стрелец во три различни првенства од топ 5 лигите во Европа, откако претходно го стори тоа во Премиер лигата со Јунајтед и во Ла Лига со Реал Мадрид.
Сега се поставува прашањето дали пласманот на Јуве во ЛШ е доволна причина за Роналдо да остане во Торино и до крај да го одработи договорот со Старата дама.